dance to the radio
radio.spodeli.org/103
 

103 Инфо |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||

Interview with Genesis P-Orridge @ Kanal 103 [прв дел]
Објавено 09.05.2016

 

М: Најпрво би сакал да ви посакам добредојде во нашата радио програма, ова е специјален PTV викенд кој го организиравме во Канал 103. Би сакал да изразам најдлабока почит кон вас како личност чие дело е интегрален дел од духовното јадро на нашата радио станица. Исто така, како симбол на слободно размислување и делување, вие сте пример за сите нас, така што вистинска чест е да ве имаме како гостин во оваа радио програма.
 
Џ: Ако е вистина дека сум пример, тоа е најверојатно најважната работа која уметник од каква било област би можел да ја постигне… Примерот кој сакам да го поставам е всушност следниот процес. Доколку имаш некаква мисла или идеа за проект секогаш следи ја и направи тој проект да се случи на каков било начин. Знаеш, порано велевме дека ако имаш идеа тогаш си должен да ја оствариш, односно да ја манифестираш. Можеби нема да изгледа исто како што си ја замислувал на почетокот, но кога конечно ќе ја оствариш, ќе сфатиш дека така е подобра. Со Throbbing Gristle знаевме дека сакаме да направиме некаков музички проект, да го затресеме кафезот на рокенролот и да покажеме дека постои и поинаков музички израз во тоа време, а сепак… никој од нас не знаеше да свири на инструмент, ниту пак имавме инструменти, освен Крис Картер, кој си направи сопствен модуларен синтисајзер. Смешен е фактот дека во денешно време овде во Њу Јорк сите се возбудени околу ‘новата мода’ на градење модуларни синтисајзери, а баш му кажувавме на еден пријател, “па Крис Картер го правеше тоа во 1975та”! Крис го направи  бидејќи немаше доволно пари за да купи вистински синтисајзер и, воопшто во тоа време, се произведуваа многу малку синтисајзери, па тоа што го изгради за да ги генерира звуците кои ги сакаше не звучеше како што тој замислуваше на почетокот, но беше уникатен и беше негов. Sleazy (Peter Christopherson) сакаше да експериментира со вметнати звуци од ленти, но тогаш немаше никакви семплери и никој немаше ниту прототип. Така, тој разви своја верзија која ја направи од 8 вокмени - малите ‘магнетофони’ на тоа време, кои беа технолошки најмодерните машини кои постоеја во 70тите. Ги расклопи 8те вокмени и повторно ги состави така што секој вокмен можеше да свири на двете страни од лентата истовремено и да произведува стерео звук, што значи дека секоја машина му даваше 4 различни звуци. Потоа ги поврза вокмените со клавијатура и одеднаш имаше, колку… 36... 32? Да, 32. Значи одеднаш имаше 32 извори на звук, а носачот на звукот беа касети. Можеше да има 90 минутна касета во секоја од 8те машини, давајќи 32 или повеќе часови звук од каков било тип. Тоа е извонреден изум за кој тој сеуште ги нема земено заслугите. Овој изум го нарекувавме “кутијата со трикови”. Подоцна изградивме една за мене која беше усовршена верзија и имаше и хармонизатори и gristeizer-и итн. Кога првпат се појавија Apple компјутери, Sleazy купи еден и го расклопи и состави, а при крајот на постоењето на TG го користеше за да создава звуци. Компјутерот беше сосема изменет. Се сеќавам дека понекогаш кога му беше досадно додека свириме играше пинг понг на компјутерот, имаше пинг понг бидејќи беше прилично примитивна машина… И имавме… хмм… како се нарекуваа… зошто не ми работи умот денеска…
 
М: Можеби е рано…
 
Џ: ...антени! Имавме монтирано антени на звучниците, кои можеа да го примат и емитуваат сигналот од локални радио, понекогаш и телевизиски станици. Звучеше како да пуштаме снимки од стар материјал, но кога луѓето си одеа дома сфаќаа дека тоа што го слушале на концертот всушност се емитувало на радио или телевизија во текот на нашиот концерт.
 
М: Тоа е одлична приказна, ви благодарам многу. Еден мал времеплов и интересна приказна за нас. Кога веќе сме во тој времеплов… вие доаѓате од сцената на авангардната перформанс уметност на 70те и отсекогаш сте го предизвикувале естаблишментот, мејнстрим естаблишментот, до степен до кој може да го предизвика алтернативната култура воопшто. Тоа некако ме носи до зборот ‘протест’. На страна од очигледните уметнички амбиции, може ли да се каже дека протестот е основата на вашата уметничка и општествена ангажираност? Дали мислите дека протестот е основна форма на општествено ангажирање, како и уметничко?
 
Џ: Да, дефинитивно е. Го запознавме William S. Burroughs во 1971. Ја најдовме неговата адреса во некој магазин и му пишавме, надевајќи се дека тоа е вистинска адреса. Излезе дека е вистинска, бидејќи околу една недела подоцна пристигна разгледница од Вилијам во која тој ми пиша: “Aко дојдеш во Лондон, јави ми се и намини да се видиме”. Почнавме по писма да дискутираме за тоа што е вистинската цел на уметноста и на креативноста. Во основа се согласувавме дека таа би морала постојано да ги предизвикува и деконструира методите на контрола, во сите аспекти на животот: културата, политиката, економијата... Се согласувавме дека човечкиот род е под постојан напад од многу мала клика на моќни, неморални, злобни луѓе за кои генерално сметаме дека не му припаѓаат на човечкиот вид, туку се некаква мутација. Кога првпат поминавме неколку денови дружејќи се со Вилијам, додека се враќавме кон дома, тој ми рече: “Genesis, твојата задача е да откриеш и да ми кажеш како се уништува контролата.” Ми ја даде таа ‘задача’ речиси како кога некоја будала му дава смешно невозможна задача некому, чисто за да гледа како тој ќе се снаоѓа. До ден денес сеуште трагаме по тој одговор и сеуште се прашуваме каде е контролата, кој раководи со неа, како тоа влијае на светот и средината во која живееме и на потенцијалот на човечките суштества - да еволуираат или да се самоуништат. Контролата е центарот на сè.
Мое мислење е дека постојат два вида креативност. Првиот е да им пружаш задоволство на луѓето, да правиш убави песни за тоа како си вљубен или како не си вљубен, или да сликаш убави слики кои изгледаат одлично на ѕидовите на раскошните вили на богатите, или да правиш убави скулптури и едноставно да станеш многу богат или што и да е; но тоа е она што Brion Gysin го нарекуваше “илузорна уметност”, бидејќи не е ништо повеќе од декорација. Не раскажува никаква приказна и не ви кажува “вака навистина изгледа светот, што мислиш, која е твојата улога во него и што ќе направиш околу тоа?”. Значи секоја форма на креативност е или “илузорна”, или на некој начин го предизвикува статус кво-то и го разоткрива начинот на кој луѓето се спречени да го реализираат својот вистински потенцијал. Кај секого постои фактор на генијалност од некаков вид, буквално кај секого. Но уште како деца сме обесхрабрени да мислиме дека имаме максимална слобода на избор. Наместо тоа не усмеруваат директно во конформизам, а на кого му оди тоа во прилог? Вилијам исто така велеше, кога сакаш да разбереш што се случува, пробај да видиш кој профитира на некаков начин од ситуацијата и ќе ја сфатиш големата слика. Ова е многу едноставен начин на размислување, но многу корисен. Кога те збунува комплексноста на модерниот живот, подзастануваш и се прашуваш, кому ова му служи? Најчесто е многу едноставно - си велиш, аха, сфаќам, па тоа е Доналд Трамп, или било кој. Тогаш, многу попрецизно ќе можеш да дефинираш што ти ќе сториш во врска со тоа.
 
М: Кога сме на оваа тема, да споменам дека сте биле погрешно разбиран, кривично гонет, сте биле во секаков вид неволја поради вашите идеи и дела, па кога ќе погледнете наназад, имајќи ја сегашната временска дистанца… Вредеше ли, што е вашата порака до луѓето кои се осмелуваат да го прават она што тие сакаат, знаејќи дека постојано ќе се соочуваат со проблеми? Што е вашата порака до нив, вреди ли?
 
Џ: Па ние веруваме дека вредеше. Но да бидеме навистина искрени, не беше лесно. Изгубивме пријатели кои умреа… Последниот пат кога Британската влада не нападна во 1991та, ги изгубив моите две куќи и сè во нив. Добивме телефонски повик од Англија додека бевме во Катманду, Непал, и нè информираа дека ‘Скотланд Јард ги заплени вашите куќи и неможе да се вратите дома.’ Преку ноќ, од прилично комфорен живот со Psychic TV, TOPY, сопствена издавачка куќа итн, иако сеуште се обидувавме да го затресеме светот, имавме комфорна средина од која тоа го правевме, со многу луѓе кои помагаа. Одеднаш останавме само со куфер во хотелска соба во Катманду и две мали деца и… ништо друго, без заштеда, без пари, изгубивме буквално сè преку ноќ. Токму тоа е ризикот со кој мора да се соочите. Мора да бидете подготвени да се справите со потешкотиите. Затоа што ќе ги има, ако кажувате нешта што ги нервираат луѓето кои ја имаат контролата, ако кажувате нешта кои се премногу близу до вистината, ќе бидете нападнати. Ќе ве нападнат преку вашите пријатели, преку вашата фамилија, деца… Да бидеме јасни, политичарите се мафијаши. Користат мафијашки методи за да ги контролираат луѓето. Тие методи се заплашување, лажни приказни кои служат да ве понижат и да ги одвратат луѓето да слушаат. Можеби и ќе ве убијат, ќе ви се закануваат, ќе земат сè што имате за да ве направат премногу сиромашни и неспособни да се борите понатаму… Сето ова ќе се случи ако постојано ги нервирате. Ова не е ситуација во која сакате да се најдете, ниту пак ќе уживате, ужасно е кога ќе ве снајде.
 
М: Сакав да ве прашам, кога веќе зборуваме за ова… Многу од Вашите идеи беа напредни, доста контроверзни и преставуваа авангарда во 70-те, 80-те, 90-те... многу од идеите беа неприфатливи за мејнстрим општеството, за естаблишментот. Меѓутоа, многу од тие идеи, не само вашите туку и оние на многу прогресивни личности од тоа време, сега се всушност вградени во општо прифатените трендови. Се чини дека трендовксиот естаблишмент се „храни“ со идеите на прогресивните луѓе и ги трансформира во нешто што можат да го продадат. Што мислите за ова?
 
Г: Тебе изгледа сè ти е јасно, а? Да, станаа многу лукави, го трансформираат бунтот во стока за продажба. Во 60те кога имаше ерупција од анархија, нови идеи и алтернативни начини на живот во целиот западен свет, како и во повеќето од земјите во Европа, кога тоа се случи – тие беа навистина исплашени. Луѓето кои ја имаа контролата сфатија дека се соочуваат со вистинска револуција и дека целиот систем кој успешно го оддржуваа веќе стотици години се распаѓа и би можел да биде уништен. Затоа возвратија со насилство. Напаѓаа луѓе, донесоа војници, прогласија воена диктатура и инфилтрираа луѓе помеѓу бунтовниците кои беа провокатори и намерно предизвикуваа инциденти за да изгледа дека луѓето кои се залагаа за алтернативата се всушност оние кои предизвикуваат невоља. Сето ова траеше некое време, но сепак на луѓето од естабилшментот не им успеа да ги угушат овие идеи. Но, сега се многу полукави. Наместо да ги напаѓаат новите идеи, тие ги КУПУВААТ, ги апсорбираат. Веќе не се жестат во медиумите и не изјавуваат: „Леле, ова е ужасно!“. Во основа, само ќе понудат пари, висока позиција, слава или што и да е и на тој начин асимилираат. Тука сте апсолутно во право! На тој начин радикалната идеа станува мода и притоа ја губи моќта. Токму затоа креативните луѓе треба постојано да ги менуваат своите стратегии. Честопати нè прашуваат: „Зошто не сте гласни и гневни како во 1978та?“ Одговорот е дека сега тоа не би направило никаква разлика бидејќи сите веќе го слушнале тоа, стана мода. Затоа треба да го смените пристапот – секогаш да го правите спротивното од она што се го правеле претходно. На пример, ако музиката ви звучела гневно, гласно и агресивно, следното што ќе го направите треба да звучи полно со љубов, нежност и великодушност. Кога тоа ќе се востанови како статус кво решавате да направите нешто сосема различно. Постојано треба да се побивате самиот себеси. Токму затоа прекините од овој тип се битна работа, бидејќи на тој начин постојано ги рушите навиките и континуитетот, а себеси се одржувате буден за новите работи кои можете да ги направите.
 
М: Вашето влијание во последниве три, четири декади, најмалку четири...

Џ: Ние имаме 66 години. Нашата прва уметничка ‘интервенција’ се случи некаде во 1965та, па...

М: Тоа се веќе пет декади... Очигледно е дека имате големо влијание на многу луѓе ширум светот, како и во Македонија. Вашето влијание во последниве неколку декади му е добро познато на секој што се бави со музика и култура. Претпоставувам дека од сегашна перспектива можете да оцените дали сте задоволни со вашата работа и дали луѓето конечно ве сфаќаат на вистинскиот начин. Дали гледате доволно позитивни примери што произлегуваат од вашето влијание? Дали сте задоволни?
 
Џ: Навистина интересно прашање. Ние никогаш не сме се стремеле кон ‘влијателност’, секогаш сме почестени и среќни кога луѓето велат дека нешто што ние сме кажале или создале им дало сила да го следат патот што тие го сметаат за вистински, отколку да се предадат на статус кво-то и да го прават она што нивните родители и општеството го очекуваат. Ако сме им помогнале да ја направат таа одлука, да го следат нивниот вистински пат, нивната вистинска страст, тоа е одлично. Тоа е сосема различно од влијанието од нашиот стилски израз, влијание од самата форма. Понекогаш луѓето ги мешаат овие две работи. Влијанието врз звукот, начинот на кој нештата изгледаат или стилот на облекување воопшто не ми е важен. Да ги охрабриш луѓето да веруваат во себеси толку цврсто што никој нема да успее да ги разувери, тоа е она влијание што нам ни е важно и би ни било многу драго доколку сме влијаеле на тој начин.
Кога бевме дете, во 1967та година, ни препишаа лекови за астма. Но потоа преку медитација и вежби за концентрација, престанавме да добиваме астматични напади. Докторите рекоа дека повеќе нема потреба од лекарствата. Она што не го знаеа тогаш, е дека еден од несаканите ефекти на оваа терапија беше уништување на адреналните жлезди, а без нив не можеш да преживееш. Адреналинот кој тие го лачат го поттикнува fight-and-flight механизмот, рефлексите, но исто така ги поттикнува сите останати органи во телото да си ја вршат функцијата. Адреналинот е еден од најважните хормони во телото. По три дена без лековите паднавме во кома и бевме однесени во болница каде што прогласија дека сме клинички мртви. Додека бевме во ургентната сала, се сеќаваме дека лебдевме над нашето тело, додека долу сестрите и докторите одлучуваа кој ќе им соопшти на родителите дека сме починати. А ние во моментот размислувавме: “Не сум мртов, ве слушам и ве гледам!”. Беше многу чудно и одеднаш, не се сеќаваме како, се вративме во телото и преживеавме. Следното утро, специјалистот не посети и ни рече: “Ова е нешто сосема ново, се нема случено досега, така што не знаеме, можеби ќе живеете нормално а може и да умрете секој момент.” Лежејќи во болничкиот кревет, бевме благодарни што ни го соопштија тоа, бидејќи на тој начин изборот стана поедноставен. Ако можеме да умреме за година или ден, тогаш мораме да ги направиме оние работи кои навистина ги сакаме СЕГА. Си помисливме, што е најлошото што може да се случи ако си го следиш срцето? Можеби нема да им се допаѓаш на луѓето, тоа е во ред, можеби ќе те напаѓаат, тоа е исто така во ред, всушност најлошото што може да се случи е да умреш од глад, ако луѓето те игнорираат. Реално, тоа не се случува на запад. Така, тогаш одлучивме дека ништо нема да не одврати да го следиме тоа за кое сметаме дека е вистината. Ништо.
 
 
[втор дел]

103 Инфо |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||

ВО МОМЕНТОВ НА 103ЈКА:


Објавено 29.06.2016
.